Невреме во Грција- свлечишта и поплави во повеќе региони

21.11.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Невреме во Грција- свлечишта и поплави во повеќе региони

Лизгање на земјиштето, паднати карпи, блокирани патишта и поплави на грчкиот остров Крф, во областа Епир, градовите Јанина, Арта, Парга и Игуменица, како и во други делови на западна и северозападна Грција предизвика силното невреме со обилни врнежи од дожд, грмотевици и ветер, јави дописничката на МИА од Атина.

Според локалните медиуми, на Крф обилните дождови предизвикаа сериозни штети во северниот дел од островот, при што многу области се непроодни, а слична е ситуацијата и во поширокиот регион на Епир, каде што се излеа реката Каламас и целосно поплави земјоделски површини во околината.

Според податоците на порталот Метео на Националната опсерваторија во Атина, во периодот од вторникот до вчера „времето во Грција покажа две различни „лица“: силни дождови и интензивни грмежи во западните и северните делови на земјата, додека на југ и исток врнежите беа многу ограничени и со слаба јачина“.

Во конкретниот период вкупните врнежи од дожд во одредени места надминаа 200 милиметри, додека во делови од Тесалија, централна Грција, Пелопонез, Евија, Крит и островите во Егејското море, не беше регистриран дожд.

Најголемото количество вкупни врнежи беше измерено во Коница и изнесуваше 246,8 милиметри, а 29 од вкупно 543 активни метеоролошки станици на мрежата на Метео надминаа 100 милиметри дожд. 

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата