Неверојатни сцени пред Острог: Луѓе од различни вери се собраа пред манастирот (ВИДЕО)

12.05.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Неверојатни сцени пред Острог: Луѓе од различни вери се собраа пред манастирот (ВИДЕО)

Секоја година, а особено на 12 мај, кога се слави Свети Василиј Острошки, илјадници верници од целиот свет доаѓаат да му се поклонат на светецот за кого се верува дека прави чуда и носи исцеление.

Ходочасниците, многумина боси и во тишина, се искачуваат по стрмнината до манастирот, носејќи со себе завети, надежи, солзи и молитви. Некои минуваат стотици километри пеш, верувајќи дека нивната жртва ќе биде услишена. Меѓу нив има тешко болни, родители кои се молат за здравје на своите деца, жени кои посакуваат мајчинство, како и оние кои бараат внатрешен мир.

Денес, 12 мај, го славиме Свети Василиј Острошки

Пред белите ѕидови на Острог, вградени во литицата, се собираат различни животи и судбини, сите со иста молитва: „Свети Василиј Острошки, помогни.“

Дека и оваа година не е исклучок сведочи видео објавено на Инстаграм профилот „Подгорички времеплов“ каде јасно се гледаат бескрајни колони луѓе кои одат кон манастирот и многумина кои преноќиле таму за да се помолат на Свети Василиј.

„Денес, 12 мај, го славиме Свети Василиј Острошки, нашиот најголем светител и заштитник. Неговите мошти почиваат во манастирот Острог, место каде со векови се собираат верници од различни вери и народи, барајќи утеха, исцеление и благослов. Свети Василиј е роден во 1610 година во селото Мркоњиќи, а целиот свој живот го посветил на верата, молитвата и заштитата на народот.

Острог денес не е само духовен центар на Црна Гора, туку и место на чуда, надеж и заедништво, каде доаѓаат и православни, и католици, и муслимани.

На овој ден, илјадници луѓе му упатуваат молитви на Свети Василиј, благодарејќи му за чудата и силата што им ја дава на сите кои му се обраќаат. Неговото име е симбол на верата, надежта и љубовта, а манастирот Острог останува светилник на духовноста за сите генерации.

Нека ни биде Свети Василиј заштитник и застапник пред Бога — вечна му слава и благодарност!“ — стои во објавата.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата