На интернет се појави видео од ликвидацијата на рускиот генерал Игор Кирилов. На него се гледаат Кирилов и неговиот помошник како ја напуштаат зградата, додека во близина стои скутер наполнет со експлозив. Штом дошле во домет на експлозивната направа, скутерот експлодирал.
Извори на „Киев пост“ во украинските специјални служби соопштија дека смртта на генерал-полковник Игор Кирилов, началник на руските сили за заштита од нуклеарно, хемиско и биолошко оружје, е резултат на специјална операција спроведена од украинската армија и Службата за безбедност на Украина (СБУ).
- Кирилов беше воен злосторник и легитимна цел. Тој беше одговорен за наредбата за употреба на забрането хемиско оружје против украинските сили, рече изворот од СБУ.
- Ова е судбината што ги чека сите оние кои убиваат Украинци. Одмаздата за воените злосторства е неизбежна, вели извор на „Киев пост“.
Во понеделникот, на 16 декември, Кирилов беше обвинет во отсуство од украинските власти за наводни воени злосторства по истрагата на СБУ.