Олаф Шолц се најде во ситуација слична на Џо Бајден: расте притисокот да се откаже од својата позиција како кандидат за иден канцелар на предвремените избори на 23 февруари.
Расте незадоволството во СПД бидејќи се уште не е одлучено дали тоа ќе биде актуелниот шеф на владата Олаф Шолц или популарниот министер за одбрана Борис Писториус. Пратениците на СПД во Бундестагот го критикуваат раководството на партијата за ова и бараат брза одлука, пишува <a href="https://www.spiegel.de/politik/deutschland/spd-olaf-scholz-als-kanzlerkandidat-kann-das-gutgehen-a-e57ad5a4-0c46-4f41-b18c-79354d6341d6">Der Spiegel.</a>
За време на викендот првите претставници во Бундестагот се <a href="https://www.spiegel.de/kultur/kanzlerkandidaten-olaf-robert-christian-und-ich-kolumne-a-22a8d828-6fa0-4122-9890-b9e7a8483e6a">изјаснија </a>во корист на министерот <a href="https://www.spiegel.de/politik/deutschland/hubertus-heil-kanzlerdebatte-veraergert-partei-vize-spd-ist-keine-selbsthilfegruppe-a-2e6e7c44-cdd5-4db3-8730-cb677024186d">Писториус. </a>
За време на престојот на Шолц во Бразил на самитот на Г20, водечките претставници се оградија од него.
Но, партискиот копретседател Ларс Клингбејл го отфрла притисокот и не сака да избрзува со работите.
-Незадоволните бараат итна одлука, а процедурата вели дека партиските тела заседаваат в понеделник, кандидатот за канцелар треба да одржи говор на конференцијата за изборите на 30 ноември, а формално ќе биде потврден на партиската конференција на СПД на 11 јануари. Ние се држиме до тој план, вели Клингбејл.
<b>Незадоволство од власта</b>
Проблемот е што предизборната кампања веќе се вжешти. Социјалдемократите дебатираат за соодветноста на Шолц како кандидат на помалку од 100 дена пред изборите. Секој ден доцнење испраќа порака за неизвесност и неодлучност до гласачите, велат од АРД.
Според анкетата на GermanTrend, само 45 отсто од поддржувачите на СПД сметаат дека Шолц е добар кандидат за канцелар.
Но, воздржаниот Шолц никогаш не уживаше голема популарност, а пред да стане канцелар ги загуби изборите за претседател на СПД.
Пред крајот на „семафорската коалиција“ со смената на либералниот министер за финансии Кристијан Линднер (ФДП) на 6 ноември, популарноста на владата беше на рекордно ниско ниво: според анкетите, само 14 отсто од гласачите биле задоволни од владата.
Шолц е поддржан од неговото искуство и изборната победа во 2021 година.
Неговите застапници ја фалат внимателноста и компетентноста на политичарот кој од позицијата градоначалник на Хамбург стана министер за финансии и вицеканцелар во владата на Ангела Меркел.
Канцеларот Шолц ја водеше Германија низ бројни кризи во изминатите три години, но гласачите подобро се сеќаваа на постојаните расправии на коалициските партнери за пари.
<b>Негативен тренд</b>
На СПД и треба некој како Ненси Пелоси, пишува Зидојче цајтунг: влијателната Пелоси, наводно, одиграла значајна улога во транзицијата од Џо Бајден во Камала Харис кога Бајден сепак попуштил пред внатрепартискиот притисок да се повлече.
Но, СПД ја нема Пелоси и не се чини дека Шолц е подготвен да се повлече, ниту дека Писториус јавно би се оградил од Шолц.
Промена на кандидат на неполни 100 дена пред изборите веројатно би се протолкувала како реакција на паника, па ваквиот потег, сметаат во СПД, би го искористила конкуренцијата.
Покрај тоа, Писториус е популарен, но неговата бескомпромисна насока за поддршка за Украина, барање повеќе пари и зајакнување на воената способност на Бундесверот не беа добро прифатени на истокот на Германија и во левото крило на СПД, наведува АРД.
Писториус е популарен меѓу гласачите, но многумина во партиското раководство не се убедени дека тој би бил подобар избор, пишува Шпигел.
Со него, бројките на анкетите може да се зголемат на краток рок - но дали тоа ќе продолжи и во наредните месеци?
Дали е доволно да изгледате слатко и пристапно?
Писториус важи за експерт за теми како безбедноста, но прашање е дали остава впечаток на човек компетентен за функцијата канцелар.
Затоа во моментов се чини дека најсигурна варијанта е Шолц да остане главен кандидат за канцелар.
СПД е заглавена на 15 отсто во анкетите и и се заканува најлошиот изборен резултат во историјата.
Прашањето е дали Шолц би можел да ги смени негативните трендови, но неговата кандидатура барем ќе спречи понатамошни судири во раководството на СПД и ќе стави крај на дебатата која дополнително ја оштетува партијата.