Унгарскиот премиер Виктор Орбан го покани својот израелски колега Бенјамин Нетанјаху да го посети, потврдија од канцеларијата на Нетанјаху во саботата.
Во петокот, Орбан рече дека го поканил Нетанјаху во Унгарија и покрај тоа што некои членки на ЕУ рекоа дека ќе биде уапсен ако стапне на нивна почва откако Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налог за негово апсење поради војната во Газа.
Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, претходно во саботата изјави дека владите на земјите-членки на ЕУ не можат да изберат дали да ги извршат налозите за апсење издадени од МКС против двајца израелски лидери и командант на Хамас.
Во четвртокот, МКС издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, поранешниот израелски министер за одбрана Јоав Галант и водачот на Хамас Ибрахим Ал-Масри за наводни злосторства против човештвото.
Сите земји-членки на ЕУ се потписници на основачкиот акт на МКС, т.н Римски статут.
Неколку земји-членки на ЕУ најавија дека ќе ги исполнат своите обврски од статутот доколку има потреба.
Но, унгарскиот премиер Виктор Орбан го повика Нетанјаху да ја посети неговата земја, уверувајќи го дека нема да биде на никаков ризик ако го стори тоа.
„Државите што ја потпишаа Римската конвенција се обврзани да ја спроведат одлуката на судот. Тоа не е опционално“, рече шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, за време на посетата на Кипар, каде што присуствуваше на работилница на израелски и палестински мировни активисти.
Тој додаде дека членките кои сакаат да влезат во ЕУ ги имаат истите обврски.
САД ја отфрлија одлуката на МКС, а Израел го оцени потегот на МКС како антисемитски.
„Секогаш кога некој не се согласува со политиката на израелската влада, тие се обвинуваат за антисемитизам“, рече Борел, чиј мандат истекува овој месец.
„Имам право да ги критикувам одлуките на израелската влада, без разлика дали е тоа Нетанјаху или некој друг, без да бидам обвинет за антисемитизам. Тоа не е прифатливо. Доста е“, рече тој.