Нема „црвени линии“ кога е во прашање поддршката за Украина, изјави денеска францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, за <a href="https://www.bbc.co.uk/news/articles/czd5myvyrjzo">Би-Би-Си.</a>
Министерот рече дека Украина може да истрела француска ракета со долг дострел кон Русија „во рамките на логиката на самоодбрана“, но не потврди дали веќе било употребено француско оружје.
„Принципот е поставен… Нашите пораки до украинскиот претседател Володимир Зеленски се добро примени“, рече тој во интервју за Би-Би-Си, што ќе биде емитувано утре.
Баро, кој вчера во Лондон разговараше со британскиот министер за надворешни работи, Дејвид Лами, рече дека западните сојузници не треба да поставуваат никакви ограничувања кога станува збор за поддршка на Украина против Русија и „да не поставуваат и изразуваат црвени линии“.
Прашан дали тоа може да значи и присуство на француски војници во борбите, тој рече дека Франција не отфрла ниту една опција.
„Ние ќе ја поддржуваме Украина толку интензивно и колку што ќе биде потребно. Зошто? Затоа што во прашање е нашата безбедност. Секој пат кога руската армија напредува за еден квадратен километар, заканата се приближува кон Европа за еден квадратен километар“, рече тој.
Баро рече дека ја повикува Украина да се приклучи во НАТО, како што побара украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Отворени сме за проширување на повикот и затоа во нашите разговори со пријателите и сојузниците, како и со пријателите и сојузниците на Украина, работиме на тоа да ги приближиме до нашите позиции“, рече Баро.
Шефот на француската дипломатија сугерираше дека западните земји мора да го зголемат износот што го трошат на одбраната.