Папата Франциск во пораката по повод 58. Светски ден на мирот, што ќе се одбележи на 1 јануари 2025 година, се осврнува на централната тема на претстојниот јубилеј на надежта и го повторува својот итен апел за простување на долговите, потсетувајќи нè дека сите ние сме „должници“ на Бога и еден на друг, објави „Ватикан Њуз“.
Темата на Денот на мирот е „Прости ни ги долговите, како што им простуваме и ние на нашите должници“.
Папата предупреди на глобалните предизвици како што се загадувањето, лошото постапување со мигрантите и ширењето на војната, кои бараат радикални промени во општеството, а не само филантропија.
Како дел од своите предлози, папата повика на укинување на меѓународните долгови на сиромашните земји, посебно поради еколошкиот долг на богатите земји. Тој исто така повика на укинување на смртната казна, како и пренасочување на средствата за оружје во средства за борба против гладта и климатските промени.
„Вистинскиот и траен мир не доаѓа само од крајот на војната, туку од трансформацијата на срцето и општеството“, вели папата Франциск, повикувајќи на прошка, солидарност и заедничка одговорност меѓу народите.
Тој својата порака ја завршува со молитва за мир и ги повика сите да простат, да ги признаат своите долгови кон Бога и да им служат на сиромашните.