Истражувачите велат дека користењето на „ChatGPT“ може да го „распадне“ мозокот. Но вистината е малку покомплицирана

17.07.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Истражувачите велат дека користењето на „ChatGPT“ може да го „распадне“ мозокот. Но вистината е малку покомплицирана

Најголемата загриженост е дека користењето на AИ ќе доведе до општо „отапување“, односно пад на способноста за критичко размислување. Според некои, доколку учениците прерано почнат да се потпираат на овие алатки, нема да развијат основни вештини за решавање проблеми и логично размислување.

Дали тоа навистина е така? Според неодамнешна студија од научници на МИТ, изгледа дека е. Истражувачите тврдат дека користењето на ChatGPT за пишување есеи може да доведе до „когнитивен долг“ и веројатно намалување на способностите за учење.

Што открила студијата?

Во текот на четири месеци, тимот од МИТ ги следел когнитивните реакции на 54 возрасни учесници кои требало да напишат три есеи користејќи или вештачка интелигенција (ChatGPT), интернет-пребарувач или сопствено знаење (групата „само мозок“). Тие го мереле менталниот ангажман преку електрична активност на мозокот и анализа на јазикот во есеите.

Резултатите покажале дека оние кои користеле AИ имале значително понизок когнитивен ангажман од другите две групи. Покрај тоа, потешко се сеќавале на цитати од своите есеи и чувствувале помала сопственост над напишаното.

Во финалниот, четврти есеј, групите ги сменија улогите – тие што до тогаш пишувале без АИ сега користеа ChatGPT, и обратно. Оние што преминаа од АИ кон пишување без помош, покажаа значително помал ангажман, далеку под нивото на групата „само мозок“ во нивната трета сесија.

Авторите заклучуваат дека ваквата промена укажува на „натрупан когнитивен долг“ – луѓето кои подолго користеле АИ се нашле во ситуација каде што нивниот мозок не можел да се врати на претходното ниво на активност.

Сепак, тие предупредуваат дека само 18 учесници (по шест од секоја група) го завршиле четвртиот дел од експериментот, што значи дека резултатите се прелиминарни и бараат дополнителна потврда.

Дали ова значи дека АИ нè прави помалку паметни?

Не нужно. Овие резултати можеби се последица на самиот дизајн на студијата. На пример, групата што не користела АИ имала три сесии за да се запознае со задачата и природно го зголемила својот ментален ангажман (т.н. ефект на запознавање).

Од друга страна, групата која дури на крајот започна да пишува без помош на АИ го имала тоа искуство само еднаш и не можела да го достигне истото ниво на вклученост.

Групата што премина од „само мозок“ кон ChatGPT, пак, го користела ChatGPT поефикасно, затоа што темата на последниот есеј била поврзана со претходните задачи. Бидејќи тие биле ментално повеќе ангажирани претходно, се сеќавале подобро и можеле да ја искористат АИ алатката за проширување на веќе стекнатото знаење.

Што значи сето ова за користењето АИ во образованието?

Ако се вратиме назад, можеме да го споредиме ова со воведувањето на калкулаторите во 1970-тите. Наместо да ги забранат, наставниците едноставно ги направиле задачите потешки – очекувајќи од учениците да го користат калкулаторот, но да го насочат својот ум кон посложени пресметки.

Истото треба да се случи и со АИ. Но многу наставници денес сè уште ги поставуваат истите задачи и имаат исти очекувања како и пред пет години – кога овие алатки не постоеја. Во таков контекст, АИ навистина може да биде штетна – затоа што студентите лесно можат да ја префрлат целата ментална работа на алатката и да развијат ментална пасивност.

Сепак, како што калкулаторите помогнаа за сложени математички пресметки, така и АИ може – и треба – да ни помогне со задачи кои порано беа невозможни. На пример, наместо да пишуваат едноставен есеј, студентите би можеле со помош на АИ да изработат сложен план за настава, а потоа усно да го образложат.

Во студијата на МИТ, сите учесници пишувале „стандардни“ есеи, па нивниот ментален ангажман бил во рамките на тоа што се очекувало од нив. Истото би се случило ако студентите прават комплицирани пресметки – едни со рака, други со калкулатор. Едните би се мачеле, другите едвај би трепкале.

Учење како да се користи АИ

Денешните и идните генерации треба да знаат како да размислуваат критички, креативно и како да решаваат проблеми. Но АИ го менува значењето на овие концепти.

Пишувањето есеи со пенкало веќе не е најдобриот доказ за критичко размислување – исто како што долги рачни пресметки не се доказ за математичка способност.

Клучот е да знаеме кога, каде и како да користиме АИ. Да знаеме кои задачи можеме да ѝ ги препуштиме, а кои бараат целосен човечки ангажман. Тоа е основата за развој на долгорочни вештини и вистинско учење, пишуват странски медии.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата