Зеленски: Преговарачите на САД и Украина го „доработија“ рамковниот мировен договор од Женева

2.12.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Зеленски: Преговарачите на САД и Украина го „доработија“ рамковниот мировен договор од Женева

Зеленски на Х напиша дека Украина пристапува кон дипломатијата „најсериозно“ и оти сака повеќе нејзини странски партнери да бидат вклучени во процесот. Тој исто така рече дека Русија почнала „кампањи за дезинформации“ пред состанокот на американските и руските официјални лица.

Како што пренесува Укринформ, Зеленски го сослушал извештајот на украинската делегација по сите состаноци во САД, вклучително и за работи кои не можат да се кажат преку телефон.

„Детален извештај на украинската делегација по сите состаноци во Соединетите Американски Држави. Лично разговаравме за работи кои не можат да се кажат преку телефон“, напиша Зеленски на Фејсбук.

Според него, секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана, Рустем Умеров, и учесниците на разговорите на Флорида го информирале за главните акценти на американската страна во дијалогот. Се работело врз основа на документот од Женева, кој е финализиран.

Зеленски изрази благодарност до началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Украина, Андреј Хнатов, за многу информативниот брифинг на американските партнери за реалната ситуација на фронтот.

Со учество на разузнавачките служби, со американската страна бил воден разговор за изгледите за спроведување на одредени чекори на фронтот и прашањата за обезбедување безбедност од руски напади и нарушување на договорот во случај на прекин на огнот, напомена Зеленски.

„Нашите дипломати активно соработуваат со сите партнери за да обезбедат европските земји и другите членки на Коалицијата на подготвените да бидат смислено вклучени во развојот на решенијата“, нагласи Зеленски.

Тој накратко го информирал тимот за разговорите со европските лидери и специјалниот пратеник на американскиот претседател, Стив Виткоф, кои се одржаа вчера во Париз.

Зеленски, исто така, наложи да се продолжи најконструктивната работа со тимот на американскиот претседател Доналд Трамп и со европските партнери.

„Украинските разузнавачки служби ќе ги споделат со нашите партнери информациите што ги имаме за вистинските намери на Русија и нејзините обиди да ја искористи дипломатската работа како параван за ублажување на санкциите и блокирање на важни колективни европски одлуки“, нагласи тој.

Зеленски рече дека Украина ја сфаќа дипломатската работа апсолутно сериозно.

„Заинтересирани сме за вистински мир и загарантирана безбедност. Токму тој интерес мора да биде ’изнуден‘ од руската страна, а оваа задача може да се реализира само заедно со нашите партнери. Секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина ќе биде во постојан контакт со Америка за да го утврди распоредот на понатамошните состаноци“, наведе претседателот на Украина.

Американскиот секретар Марко Рубио по состанокот на американската и украинската делегација во Мајами за ставање крај на војната во Украина, изјави дека состанокот бил многу продуктивен и корисен и оти е постигнат огромен напредок во преговорите.

- Продолжуваме да бидеме реални во однос на тоа колку е тешко ова, но како што постигнавме напредок, мислам дека постои заедничка визија дека не се работи само за ставање крај на војната, туку и за обезбедување на иднината на Украина, иднина за која се надеваме дека ќе биде попросперитетна од кога било досега, рече Рубио по состанокот во Мајами, пренесе Си-Ен-Ен.

Тој истакна дека тимовите не работат само на условите кои ќе ги прекинат борбите меѓу Украина и Русија, туку и на „условите кои ќе ја постават Украина за долгорочен просперитет“.

Рубио рече дека Русија ќе има централна улога во секој договор за ставање крај на војната со Украина, оценувајќи ги мировните преговори како деликатни и комплицирани.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата