Во затворска ќелија во Турција е пронајден мртов поранешниот шеф на пропадната крипто менувачница

2.11.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Во затворска ќелија во Турција е пронајден мртов поранешниот шеф на пропадната крипто менувачница

Истрагата е во тек, а официјалните лица се фокусираат на можноста Озер да извршил самоубиство. Според турските медиуми, неговото тело било откриено од страна на затворските чувари за време на утринска проверка.

Турските обвинители наредија целосна истрага, вклучително и испрашување на затворскиот персонал и анализа на безбедносните камери. Телото на Озер беше испратено во Истанбулскиот институт за судска медицина на обдукција за да се утврди точната причина за смртта.

Еден од најголемите финансиски скандали во историјата на Турција

Озер беше уапсен во Албанија на 30 август 2022 година по сензационалното бегство што ја шокираше Турција. По него беше издадена меѓународна потерница за измама на стотици илјади инвеститори преку Thodex.

Озер нелегално ја преминал границата и живеел во Елбасан неколку месеци, каде што се обидел да се скрие под лажен идентитет. Тој беше уапсен на една од плажите на југот од земјата, по заедничка операција на албанската полиција и турските власти, пренесе Анадолија.

Во обвинението се наведува дека тој измамил околу 400 луѓе, злоупотребувајќи над 2 милијарди долари средства. Неговиот случај стана еден од најголемите финансиски скандали во турската историја, потресувајќи го пазарот на криптовалути и поттикнувајќи ги турските власти да ги заострат прописите за дигитална трговија.

Повици за независна истрага

По неговата екстрадиција во Турција, Озер беше осуден на 11.196 години затвор за организирана измама, перење пари и водење криминална организација. Иако ги негираше обвиненијата, тврдејќи дека падот на крипто берзата е резултат на сајбер напади, а не измама, судот го прогласи за виновен по сите точки од обвинението.

Неговата смрт покрена многу прашања во турската јавност, а некои повикуваат на независна истрага за да се утврди дали станува збор за самоубиство или намерно отстранување на Озер, поради сознанието што можеби го имал за финансиската мрежа што работи преку Thodex.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата