Сијарто: Унгарија ќе пренасочи 1,56 милиони евра за зајакнување на либанската армија

14.11.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Сијарто: Унгарија ќе пренасочи 1,56 милиони евра за зајакнување на либанската армија

Шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто денеска во Бејрут најави дека Будимпешта ќе пренасочи околу 600 милиони форинти (1,56 милиони евра) добиени од Европскиот инструмент за мир на зајакнување на либанската армија наместо на украинската војска, со што ја поддржува стабилноста на Либан.

- Додека Европска Унија го финансира вооружувањето на Украина од Европскиот инструмент за мир, што унгарската Влада не го поддржува, придонесот на Унгарија ќе биде пренасочен на поддршка на либанските вооружени сили, изјави Сијарто на заедничката прес-конференција со неговиот либански колега Јусеф Раџи.

Според Сијарто, зајакнувањето на либанската армија е единствениот начин да се подобри стабилноста на земјата, да се унапреди програмата за разоружување на милитантната група Хезболах, да се одржи и прошири примирјето со Израел и да се спречи избувнување на нови војни во регионот.

Унгарскиот министер за надворешни работи посочи дека Будимпешта работи на зајакнување на стабилноста во регионот од две главни причини.

- Првата е дека тоа е во интерес на националната безбедност на нашата земја, бидејќи безбедноста и мирот на Блискиот Исток се тесно поврзани со безбедноста и мирот во Централна Европа. А втората е дека Унгарија сака да обезбеди секој во регионот да може да живее безбедно, без терористички напади и надворешно мешање, истакна Сијарто.

Унгарија, исто така, учествува во Мировната мисија на ОН во Либан (УНИФИЛ) со 16 војници.

Сијарто вчера изјави дека парите на европските даночни обврзници не треба да се трошат на Украина бидејќи „постои голема веројатност“ со нив да се „финансира воената мафија, мрежата за корупција“. Неговата изјава уследи по обелоденувањето на голема корупциска афера со јавните набавки во украинските државни претпријатија, особено нуклеарната агенција Енергоатом. Во големата корупциска шема во енергетскиот сектор, според Националното биро за борба против корупцијата на Украина (НАБУ), испрани се речиси 100 милиони долари.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата