Лондон формира хибридна поморска сила за заштита на подводните кабли од руски закани

9.12.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Лондон формира хибридна поморска сила за заштита на подводните кабли од руски закани

Командантот на британската Кралска морнарица, адмирал Гвин Џенкинс, предупреди дека Велика Британија мора „да зајакне“ во одбраната или ризикува да ја загуби предноста во Атлантикот, бидејќи Русија продолжува да троши милијарди на своите поморски капацитети.

Генералот Џенкинс, во говорот на Меѓународната конференција за поморска моќ во Лондон вчера изјави дека „нема место за самозадоволство“ додека Москва интензивно инвестира во својата северна флота.

Тој наведе дека во изминатите две години имало „30-процентно зголемување на руските упади во нашите води“.

Оваа активност е највидлива преку присуството на шпионски бродови како „Јантар“ (Yantar) кои оперираат во близина на британските води, рече тој. - Најмногу ме загрижува она што се случува под брановите, потенцира генералот.

- Можам да ви кажам дека предноста што ја уживаме во Атлантикот од крајот на Втората светска војна е во ризик. Се држиме, но не многу. Нема простор за самозадоволство. Нашите потенцијални противници инвестираат милијарди. Мора да зајакнеме, или ќе ја изгубиме таа предност, истакна Џенкинс.

Тој додаде дека „не смееме да дозволиме тоа да се случи“, повикувајќи се на неодамнешната порака на министерот за одбрана директно до рускиот претседател Владимир Путин: „Ве гледаме и знаеме што правите“.

Претходно годинава, владата објави дека трошоците за одбрана и безбедност на Обединетото Кралство ќе се зголемат на 5% од БДП најдоцна до 2035 година.

Во меѓувреме, министерот за одбрана, Џон Хили, инсистираше дека Велика Британија и нејзините сојузници се подготвени да ги „следат и одвратат“ руските подморници, откривајќи планови за нова, мултимилионска програма за заштита на подводните кабли и гасоводи.

Хибридната поморска сила, наречена „Атлантски Бастион“, ќе комбинира автономни возила и вештачка интелигенција со воени бродови и авиони за да ги идентификува и брани подводните структури од мешање.

- Знаеме што прави Путин. Знаеме што развива Путин. Можеме да ги најдеме, да ги следиме и, доколку е потребно, подготвени сме со сојузниците да дејствуваме за да ги одвратиме, изјави Хили. 

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата