Лидер на озлогласена нарко банда од Бразил се инфилтрирал во украинската војска (ВИДЕО)

13.11.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Лидер на озлогласена нарко банда од Бразил се инфилтрирал во украинската војска (ВИДЕО)

„Работев како приватен обезбедувач во Бразил, а кога стигнав тука, бев обучен и само морав да се прилагодам“, вели Пинто во видео објавено на 25 април 2023 година, на каналот на Центарот за регрутирање странски војници, кој го води украинското Министерство за одбрана.

Но, полицијата во Рио де Жанеиро тврди дека Пинто не ја кажувал целата вистина. Тој бил „приватен обезбедувач“, но како локален водач на Командо Вермељо (CV), „Црвената команда“, една од најмоќните криминални и нарко организации во Бразил и Јужна Америка.

„Киев Индепендент“ разговарал со бразилски војници во Украина, извори од Украинската меѓународна легија и полицијата во Бразил и Украина за да го реконструираат случајот. Сведоштвата покажуваат дека член на банда со криминално досие успеал да влезе и да остане во украинските редови, и покрај однесувањето што предизвикало сомневања кај неговите команданти и другари.

Ќе бидат поднесени нови кривични пријави

Случајот го покренува прашањето за проверка на странски волонтери и спроведување на дисциплина, особено кога војници со проблематично минато се префрлаат во други единици по конфликти во претходните.

Полицијата од Рио тврди дека Пинто, кој според нивните информации има досие за шверц на дрога, не дошол да се бори за Украина, туку да научи тактики што ќе ги користи против бразилската полиција. Полицијата вели дека го поврзува со водачот на Црвената команда во Салгеиро, област на фавела во Рио, која е упориште на организацијата и честа цел на рации.

Полицијата објави дека наскоро ќе бидат поднесени нови кривични пријави против Пинто. „Идентификувани се најмалку три од неговите влегувања во Европа, заедно со видеа од него во Украина“, соопшти полицијата.

На крајот на октомври, во Рио беше спроведена најкрвавата полициска рација против нарко бандите во историјата на градот. Загинаа повеќе од 100 луѓе. За време на конфликтот, членовите на Црвената команда користеа беспилотни летала за фрлање експлозиви врз полициските позиции.

Не е јасно во кои единици служел

Се чини дека Пинто самиот ја потврдил својата поврзаност со Црвената команда во видео кое било дистрибуирано до WhatsApp групите на бразилски војници во Украина. Видеото го прикажува Пинто во воена униформа, некаде во Украина, со автоматска пушка во рака, како ѝ оддава почит на Црвената команда.

Во еден момент, тој ја крева пушката и вели дека го посветува видеото на криминалниот водач кого го нарекува „вечниот шеф“ и додава: „Во кој дел од светот и да сме, ние сме негови вечни војници“. „Киев Индепендент“ не можеше да ја потврди автентичноста на снимката. Пинто не одговорил на барањето.

Не е познато кога е снимено видеото, но неговиот престој во Украина како борец е потврден, иако не е јасно во кои единици служел. Во видеото на Министерството за одбрана, тој тврди дека се борел во Херсон, Краматорск и Харков. Извори од Меѓународната легија потврдија дека тој кратко бил во Вториот меѓународен баталјон, од кој бил отстранет бидејќи командантите се посомневале.

„Тој им раскажуваше борбени ситуации на членовите на картелот“

Бразилските војници кои тврдат дека служеле со Пинто, зборувајќи анонимно поради опасноста за нивните семејства во Бразил, велат дека потоа тој се префрлил во Бригадата за територијална одбрана. „Киев Индепендент“ побарал информации за неговата служба од вооружените сили и територијалната одбрана. Исто така се обидуваат да утврдат каде е Пинто во моментов.

Еден волонтер од Бразил вели дека го сретнал во летото 2023 година. Тој тврди дека Пинто не ги криел своите врски со Црвената команда и дека еднаш го видел како разговара преку видео повик со мажи во Бразил кои биле вооружени со пушки.

„Да, тие луѓе биле шверцери на дрога од Рио. Тој им раскажувал борбени ситуации“, се присети тој.

Сомневања за инфилтрација на картелите постојат со години

Точниот број на Јужноамериканци во украинските сили не е познат, но се проценува дека има неколку илјади од нив, претежно од Колумбија, а потоа и од Бразил. Сомневања за инфилтрација од картелите постојат со години. Во јули оваа година се појави информација дека украинското контраразузнавање истражува волонтери поврзани со нарко-картели кои се обидувале да научат тактиките за користење на беспилотни летала FPV.

Еверсон Невес, 25-годишен Бразилец кој служи во украинската армија од 2023 година, прво како лекар, а сега како оператор на беспилотни летала, вели дека немало активна потерница за Пинто, па затоа Украина немала основа да го отфрли. Тој верува дека Бразил треба да ги прогласи криминалните фракции за терористи.

Тој додава дека украинските инструктори се претпазливи во врска со обуката на Јужноамериканците како да користат беспилотни летала и дека самиот морал да ја заработи довербата на своите команданти. Тој е среќен што бразилските војници го пријавиле Пинто. „Ние кои се бориме тука не сакаме криминалци меѓу нас“, забележа тој.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата