Vreme.mk - Дознај на Време.

Свет

ГРАБЕЖ КАКО ВО ЛОШ ФИЛМ: Крадци избегале од германски музеј за 9 минути, земајќи 2,47 милиони долари во КЕЛТСКО ЗЛАТО

27 ноември 2022
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Slika

Келтски златници вредни неколку милиони евра и непроценливи како културно богатство беа украдени од келтскиот музеј во Манчинг во Горна Баварија.

Министерот за наука и уметност на Баварија го смета за „катастрофа“.

Скршена, празна витрина, во која дотогаш се наоѓало златно богатство старо повеќе од две илјади години, вредно неколку милиони евра, откриле вработените во Келтско-римскиот музеј во баварскиот град Манчинг, во вторникот, откако пристигнале на работа, во раните утрински часови.

„Тоа беше класична кражба, како во лош филм“, изјави портпаролот на баварската криминалистичка полиција (ЛКА) во Минхен.

Целото злато е украдено – 483 келтски златници со вкупна тежина од околу четири килограми.

Според полицијата, допрва ќе се утврдува класичната вредност на златото според дневниот курс.

Сепак, колекционерската вредност е неколку милиони евра. Полицијата претпоставува дека насилниците ќе се обидат да ги продадат златниците на нелегалниот пазар на уметнички дела или „во најлош случај ќе ги стопат“.

Келтско-римскиот музеј немал чувар преку ноќ за време на грабежот.

Во моментот на грабежот биле исклучени телефонот и интернетот

Се уште не е јасно дали има поврзаност меѓу грабежот на златото и диверзантскиот напад на техничката соба на Телеком во Манчинг.

Властите брзо забележале дека телефонските линии и интернетот биле прекинати во моментот на грабежот. Градоначалникот Херберт Нерб изјави за Зидојче Цајтунг:

„Тие го отсекоа целиот Манчинг. Музејот е всушност локација со висока безбедност. Но, сите врски со полицијата беа прекинати“.

Нешто по полноќ, провалниците пресекле неколку оптички кабли во просторијата на Телеком, што довело до прекин на телефонската и интернет конекцијата на 13.000 корисници на Телеком во регионот – а со тоа и алармот на музејот со полицијата.

Многу е можно зад двете кражби да стојат исти сторители. Баварската криминалистичка полиција се уште не ја коментирала оваа претпоставка.

Најголемото откритие на келтското злато во 20 век

Според Келтско-римскиот музеј, ова украдено богатство е најголемото келтско златно откритие во 20 век. Датира од околу првиот век пред нашата ера и било откриено за време на ископувањата во областа Манчинг во летото 1999 година. Богатството е изложено во музејот од 2006 година и оттогаш е главна атракција таму.

Таканаречениот Opidum Manching се смета за извонредна келтска населба, во која археолозите сè уште ископуваат. Баварскиот институт за зачувување на спомениците ја вбројува таа населба меѓу најважните археолошки споменици северно од Алпите.

„Загубата на келтското богатство е катастрофа, златниците се незаменливи како сведоштво за нашата историја“, изјави баварскиот министер за наука и уметност Маркус Блуме (ЦСУ).

Културната штета е огромна.

„Кој и да го изврши овој чин ја скрати нашата историја и со тоа покажа неверојатна криминална енергија.“

Блуме рече дека мора да се направи се за да се расчисти позадината на овој грабеж и да се фатат криминалците.

Последен во серијата големи грабежи на музеи

Овој грабеж е последен во серијата големи грабежи на музеи во Германија. Непроценливо богатство беше украдено од музејот „Green Vault“ во поранешната кралска палата во Дрезден во 2019 година. Пазарна вредност на ограбените предмети – најмалку 113,8 милиони евра.

Во март 2017 година, од берлинскиот музеј Боде беше украден златник од 100 килограми „Голем јаворов лист“. За тоа дело се осудени двајца членови на еден од арапските кланови на неколку години затвор.

Златникот никогаш не бил пронајден.

Фото: Wikimedia

© Сите права на објавата се на Vreme.mk

ПРОФИЛ