Еден од волонтерите, Харис Грег Хатем, сопственик на ресторан, рекол дека за таквите акции „потребна е заедница“, а Харис се согласила и му рекла дека е во право, пренесува АП.
Камала Харис се состана со афроамериканските лидери во ресторан во Рали пред да им се придружи на волонтерите кои пакуваа завои, детска облека, влажни марамчиња, лекови против болки и други материјали за жртвите од ураганот Хелена, кој минатиот месец ја погоди Северна Каролина.
Потпретседателката на САД ја посети државата во која нејзиниот противкандидат, републиканецот Доналд Трамп, извојува тесна победа на изборите во 2020 година, но демократите жестоко се борат да ја свртат Северна Каролина во своја полза на претседателските избори следниот месец.
Денеска Харис присуствуваше на црковна служба во Гринвил како дел од кампањата за излезност на гласачите и одржа говор потоа.
Демократскиот претседателски кандидат минатата сабота ја посети Северна Каролина за да ги види последиците од ураганот Хелена и вети федерална помош за жртвите од невремето.
Демократите веруваат дека гласачите во Северна Каролина би можеле да застанат на нивна страна на овогодинешните избори благодарение на базата на афроамерикански и високообразовани гласачи, како и на жените кои се загрижени за губење на правото на абортус.
Сепак, последиците од ураганот Хелена станаа фокусна точка на политички конфликт со поранешниот претседател Доналд Трамп и неговите сојузници кои ја напаѓаат администрацијата на Бајден поради одговорот на администрацијата на природната катастрофа.