Vreme.mk - Дознај на Време.

Македонија

Приведените бугарски државјани на „Деве Баир“ казнети со 300 евра и тригодишна забрана за влез во земјава

5 февруари 2023
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Slika

Чествувањето на 151-годишнината од раѓањето на великанот Гоце Делчев, на утринското официјално одбележување во црквата „Св. Спас“помина во мирна атмосфера и во духот на пораките на великанот на македонското револуционерно дело, Гоце Делчев.

Македонското Министерство за внатрешни работи соопшти дека тројца бугарски државјани биле приведени поради нарушување на јавниот ред и мир на граничниот премин „Деве Баир“, на кои Судот синоќа им изрече парична казна во износ од 300 евра и мерка протерување од земјава и забрана за влез во државата за период од три години.

Со високи државни почести и во мирна атмосфера вчера во Скопје беше одбележана 151-та годишнина од раѓањето на големиот светски визионер и инспиратор на македонското револуционерно дело и државност, Гоце Делчев. На неговиот гроб во црквата „Св. Спас“ вчера цвеќе положија државниот врв, претставници на политичките партии од власта и опозицијата, на граѓански организации и на Армијата, делегација од Бугарија, граѓани… Одбележувањето помина под силно полициско обезбедување, а веќе неколку дена улицата која минува крај црквата „Св. Спас“ е затворена за сообраќај, а така се очекува да биде и денеска.

Настанот во чест на раѓањето на знаменосецот на македонската револуционерна борба, Гоце Делчев, започна со високи државни почести и со македонската химна. Цвеќе на гробот на Делчев положија претседателот Стево Пендаровски, а владината делегација ја предводеше премиерот Димитар Ковачевски и во неа беа првиот вице-премиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби и министрите за одбрана Славјанка Петровска, за внатрешни работи, Оливер Спасовски и за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска. Делегацијата од Собранието ја предводеше потпретседателот Горан Мисовски, а цвеќе положија и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, претставници од Генералштабот и на Министерството за одбрана, претставници од Сојузот на борци од НОАВМ и делегации на политички партии.

Во црквата Свети Спас се одржа и богослужба посветена на големиот револуционер, Гоце Делчев, со која чиночалствуваше поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан, во сослужение на свештенството.

Чествувањето на 151-годишнината од раѓањето на великанот Гоце Делчев, на утринското официјално одбележување во црквата „Св. Спас“помина во мирна и достоинствена атмосфера и во духот на пораките на великанот на македонското револуционерно дело, Гоце Делчев.

„Идеалите на големиот визионер Гоце Делчев, кој пред повеќе од еден век го разбрал светот како поле за културен натпревар меѓу народите, се разбран аманет и патоказ за политиките на Владата на Република Северна Македонија, поставени на дијалогот и на почитувањето, како врвни културолошки и цивилизациски придобивки. Пораките на Делчев за единство и сплотеност, кога станува збор за националните интереси и за државните стратешки цели се подеднакво актуелни и денес. И се света обврска за секого, додека ја градиме Република Северна Македонија во едно општество за сите граѓани и ја интегрираме, по најголемиот безбедносен сојуз, НАТО, што е веќе реалност и како полноправна и рамноправна членка на Европската Унија, во семејството на европски народи и држави“, наведе премиерот Ковачевски во својата објава на Фејсбук.

Цвеќе на гробот на Гоце Делчев положија и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски заедно со членови на раководството на партијата. Мицкоски до безбедносниот пункт во близина на „Св. Спас“ дојде заедно со поголема група членови на опозициската партија и на Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ. По положувањето цвеќе, тој изјави дека наместо да се зближуваме, да се зголемува нашето пријателство ние денеска, за жал, сме подалечни од кога и да било во нашата историја со нашите соседи.

„Две чувства се развиваат кај мене. Првото е чувство на почит кон Македонецот, кон великанот Гоце Делчев за тоа што го сторил за Македонија, за тоа што го направил за македонскиот народ. Ние сме горди што имаме еден таков човек да го славиме и е дел од нашата историја, нашиот македонски ген и тоа е чувство на задоволство и среќа кај секој еден чесен и честит Македонец. И второто е чувството на разочараност, кое кај мене се создаде денеска чекорејќи од онаа прва барикада преку втората барикада до овде до оваа црква и наместо да се зближуваме, наместо да се зголемува нашето пријателство ние денеска за жал сме подалечни од кога и да било во нашата историја“, изјави Мицкоски кој ја предводеше партиската делегација на одавањето почит на великанот Делчев.

Откако делегациите заминаа полицијата почна да пропушта групи граѓани кон црквата „Св. Спас“ кои сакаат да оддадат почит на гробот на Гоце Делчев по повод 151-годишнината од неговото раѓање.

Свежо цвеќе на гробот на Гоце Делчев во Скопје положи и делегација од Бугарија предводена од вицепремиерот и министер за внатрешни работи Иван Демерџиев, кој изрази очекување дека следната година цвеќе на гробот на великанот во црквата „Свети Спас“ ќе положат заеднички со неговиот македонски колега Оливер Спасовски.

Прашан за засилените безбедносни мерки под кои се одвиваше чествувањето на раѓањето на Делчев, тој оцени дека нема потреба од, како што рече, вакви драконски мерки.

На граничниот премин „Деве Баир“ бугарски државјани кои сакале да присуствуваат на одбележувањето на роденденот на Гоце Делчев чекаа повеќе часови за влез во земјава поради пад на системот за контрола, па по долгото чекање на границата, некои од нив се вратиле назад во Бугарија.

„За жал, има податоци дека поголем број бугарски граѓани беа спречени на граница тоа да го направат. Заемното почитување какво што ние го декларираме кон народот на Северна Македонија е тоа што добив уверување да им се даде можност на сите да дојдат и да изразат почит на апостолот Гоце Делчев“, рече Демерџиев.

Подоцна македонското Министерство за внатрешни работи соопшти дека тројца бугарски државјани биле приведени поради нарушување на јавниот ред и мир на граничниот премин „Деве Баир“, на кои Судот синоќа им изрече парична казна во износ од 300 евра и мерка протерување од земјава и забрана за влез во државата за период од три години.

Бугарските државјани, 35-годишниот Г.З., 50-годишниот А.Х., и 54-годишниот Р.Х (54), како што соопшти МВР, биле приведени околу 12:45 часот откако се однесувале дрско и недолично и прво вербално со најпогрдни зборови, а потоа се обиделе и физички да нападнат полициски службеници кои преземале службени дејства.

Судот во Крива Паланка им изрече по 300 евра казна, протерување и забрана за влез во С Македонија во траење од три години.

Со реакција за одбележувањето на 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев и неможноста да присуствуваат нивни граѓани, излезе бугарското Министерство за надворешни работи. Во соопштението објавено на неговата веб-страна, бугарското МНР оцени дека одбележувањето на 151-годишнината од раѓањето на Делчев не придонесе за унапредување на добрососедските односи и дека „ќе биде забележано оти македонските власти не им дозволиле на бугарски граѓани да му одадат почит на великанот“.

„Со длабоко жалење констатираме дека 04.02.2023 година ќе влезе во историјата како датум на кој властите во Северна Македонија, со крајно неубедливи причини и со прекршување на уверувањата дадени однапред, не им дозволија на бугарски граѓани да му оддадат почит на делото и животот на Делчев. Министерството за надворешни работи го дефинира денешното однесување на Владата во Северна Македонија како понижувачко и неприфатливо кон бугарскиот народ и Република Бугарија“, се вели, меѓудругото, во соопштението од бугарското МНР.

Министерството за внатрешни работи (МВР) вчера не соопшти на колку државјани на Бугарија вчера не им беше дозволен влез во земјава. „360 степени“ го упати ова прашање до МВР, но ни одговорија дека не можат да споделат дополнителни информации.

Бугарската национална телевизија во прилог од граничниот премин Деве Баир пренесе дека Бојан Донев и Никола Арнаудов се двајца од повеќемина бугарски државјани на кои денеска им е забранет влев во Северна Македонија.

© Сите права на објавата се на Vreme.mk

ПРОФИЛ