Јавното комунално претпријатие „Шар“ од Тетово информира дека дотокот на вода од новиот водоснабдителен систем е прекинат и ќе следуваат рестрикции во водоснабдувањето. Причина е заматеноста на водата што се презема од Лешничка Река.
– Поради неможноста да се пречисти водата во филтрите на филтрационата станица Лисец, поради високата заматеност како резултат на последните врнежи, принудени сме да го прекинеме снабдувањето со вода за пиење од линијата Лешница. Екипата на претпријатието од раните утрински часови е на терен и прави сè за да се надмине оваа ситуација -информираат од ЈКП „Шар“.
Рестрикциите на вода се започнати од 13:40 часот и ќе бидат на неопределено време.
Во Тетово водоснабдувањето се врши само со планинските извори и со градски бунари, чиј капацитет не е доволен за оптимално водоснабдување.